Во Соборниот храм на Вселенската патријаршија „Св. Георгиј Победоносец” во Истанбул денеска вселенскиот патријарх г. Вартоломеј и архиепископот охридски г. Стефан одржуваат прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по примањето на Охридската архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква. Владата соопшти дека премиерот Димитар Ковачевски ќе има тет-а-тет средба со патријархот Вартоломеј.
На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви, според последните информации присуствуваат и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител” и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец”.