Еднострано е раскинат договорот за изградба на болницата во Штип, открива министерот за здравство, Фатмир Меџити, во интервју за „Макфакс“. Тој посочува дека ќе ја активира и банкарската гаранција бидејќи болницата се гради 16 години, требало да биде готова во 2018 година, а не е завршена ниту во 2023 година.
„Не еднострано, затоа што ние имавме право, требало да биде изградена во 2018 година болницата во Штип, не била изградена. Па требало до 2023, до сега јуни што помина требаше да се дава во употреба болницата, не е дадено и јас постапив, го раскинав со сите права кои ги имаме и тука ќе ја активирам и банкарската гаранција, значи многу сум сериозен во моето делување и јас и тимот“, рече Меџити за „Макфакс“.
За да не се гради уште 15 години, треба да се спроведе нова процедура која може да трае најмногу шест месеци.
Точно нова процедура, за да еднаш засекогаш таа болница и тој дел на источна Македонија да добијат објект каков доликува на здравство и да примат такви здравствени услуги. Ја знаете мојата изјава кога бев во Штип што ја кажав во старата болница, навистина таму има многу добар кадар, многу добри здравствени работници што макотрпно работат“, додаде Меџити.