• Fri. Nov 22nd, 2024

(Видео) Панова: МВР со неосновани казни за луѓето кои го блокираа патот Струмица-Радовиш

Десетици граѓани кои го блокираа патниот правец Струмица-Радовиш се мета на заплашување од страна на МВР. Тие веќе следниот ден по протестот добија прекршочни казни од 50 евра за движење по пат и 35 евра за паркирано возило, истакна на денешната прес-конференција, Ели Панова, пратеничка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие ниту се движеле по пат, ниту паркирале возило непрописно, туку мирно во времетраење од 1 час го изразија својот револт, протестираа против предлогот на власта за бугаризација и го блокираа патниот правец Струмица – Радовиш. За прогонот да биде уште поочигледен МВР пишале казни и на граѓани кои воопшто не биле дел од протестот за истиот случај. Од ова јасно се гледа дека казните се пишувани по однапред даден список и целта е заплашување на народот да не протестира и да не си ја брани државата“, вели Панова.

Според Панова, казните за луѓето кои го блокираа патот Струмица-Радовиш се неосновани и против Уставното право на протест. Власта, како што вели таа, точно го знае ова, и затоа казните се основаат на прекршокот паркирано возило резервиран за сообраќај на моторни возила или движење по пат резервиран за сообраќај на моторни возила.

„Луѓето кои го блокирале патниот правец Струмица-Радовиш ниту се движеле непрописно, ниту паркирале непрописно, тие протестирале и го остварувале своето право на протест, загарантирано со чл. 21 од Уставот. Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба, гласи членот 21 од Уставот кој власта го прекрши“, прецизира Панова.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *