• Fri. Nov 22nd, 2024

Венко Андоновски ќе биде гостин на четвртата трибина на „Елеуса Фондација“

Писателот и универзитетски професор, Венко Андоновски, ќе биде гостин-говорник на четвртата трибина што ја организира „Елуса Фондација“. Реномираниот писател и професор ќе зборува на тема „Зошто не за сексуално образование во училиштата?“ на која ќе ги каже своите ставови на оваа тема. Покрај него, ќе зборува и викарниот епископ г. Јаков Стобиски. Трибината е закажана за петок, 17 март во Центар за култура „Антон Панов“ со почеток во 19.00 часот.

Во една од своите колумни, Андоновски изнесе дел од своите ставови за сексуалното образование. Еве извадок од колумната објавена во Нова Македонија.

Моето мислење е: во овој морално болен свет, кој ја брише границата меѓу природното и неприродното, да му дадеш на своето дете од најмали нозе погрешно, општествено организирано сексуално образование, пред да му дадеш стабилно емотивно и духовно образование, значи да му дозволиш да седне на буре барут и да запали томпус. Точно е дека веќе не смее порно-сајтовите да бидат единствениот сексуален „даскал“ и „воспитувач“ на младите. Во потрошувачкото општество, порнографијата го сведува сексот на стока и услужна дејност. Но не се плашам јас за порнографијата. Таа, со она што се продава преку разни НВО кај нас како светски образовен хит, „сеопфатно сексуално образование“ (Comprehensive Sexuality Education), сигурно нема да биде непријател. Зошто мислам така? Според мое мислење, две нешта не можат да бидат предмет на наука, па според тоа и на образование: верата и љубовта. Ако до Бога се доаѓа само со срце, а не со разум, тогаш не може да има „наука за Бога“. Ако до љубениот/љубената се доаѓа само со срце (а не со разум), не може да има ни наука за љубовта. Може да има само поуки. И сексологијата премолчено признава дека не е наука за љубовта: најчесто се сведува на она што Хелените го викаа ТЕХНЕ („занает“ во уметноста), а моите сфаќања за љубовта не подразбираат таа да се сведе на техника на сексуално комуницирање.
Но што дрдорам јас за љубовта? Каква врска имаат љубовта и сексот по експлозијата на порнографијата? ПРИРОДНО е тие две нешта да се поврзани, а денес се НЕПРИРОДНО („општествено“) разделени. Телесната љубов треба да е продолжение на душата. Тоа што денес таа „доби независност“ од душата е само знак на општествена индустрија на страсти: фала му на капитализмот! -напиша пред две години Андоновски.