По поразот со максимални 3:0 на првиот меч во Апелдорн, македонскиот одбојкарски шампион Струмица Никоб вечерва (19 часот) во реванш натпреварот против холандскиот шампион Динамо ќе се обиде да возврати со иста мера, па да се избори за „Златен Сет“ во кој че се решава прашањето за патникот во 2. квалификациско коло од ЦЕВ Лигата на шампионите.
Струмичано, конечно, вечерва ќе заиграат со комплетниот ростер кој на располагање го има тренерот Кире Ричлиев, што не беше случај на првата средба во Холандија. Поради тоа што Холанѓаните не им издадоа визи за влез во земјата, тројцата руски интернационалци Злобин, Лободин и Михаилов немаа можност да настапат на првиот меч. Вечерва работата ќе биде многу поинаква, па и амбициите и надежите на Струмица се многу поголеми.