• Mon. Nov 25th, 2024

Вархеји ја повика Софија во јуни да даде согласност за старт на преговорите со Скопје

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји очекува Софија во рок од три недели да се согласи за почеток на преговорачкиот процес со Скопје. Ова го истакна тој по средбите во Бугарија со претседателот Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.

„За три недели се враќам во Софија“, напиша на Твитер Вархеји по вчерашните состаноци со бугарскиот државен врв.

Вархеји посочува дека неговото враќање во Софија е да најде основа и поддршка од Бугарија за почеток на преговорите со Република Северна Македонија и Албанија во јуни.

Според Вархеји, стабилноста на Западен Балкан не може да се потцени, па затоа започнувањето на разговори со Скопје и Тирана би било огромен придонес во оваа насока.

„Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст, значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно“, напиша Вархеји.

Утрово бугарскиот премиер, Кирил Петков, запрашан дали се обврзал да и’ даде зелено светло на Северна Македонија, рече: Премиерот нема самостојни договори. Ако нешто се случува, тоа мора прво да се заснова на Министерството за надворешни работи, кое ќе ги извести владата, Коалициониот совет и парламентот да одлучат.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера одговарајќи на новинарски прашања рече дека тој секогаш го бранел бугарскиот национален интерес и не чувствувал никаков притисок врз бугарската позиција за Северна Македонија.

Потпретседателката Илијана Јотова ја коментираше резолуцијата усвоена во Европскиот парламент за преговорите со македонската страна, велејќи дека бугарските европратеници не ги заштитиле доволно интересите на Бугарите во Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *