Владата најави дека по неколкудненвно одложување, утре пристигнуваат вакцините од Србија. Станува збор за вакцини од производителот Фајзер-Бионтек коишто беа најавени уште пред речиси еден месец. Пред неколку денови Владата извести дека вакцините пристигнуваат, но, поради потреба од одобрување од компанијата Фајзер, примопредавањето беше одложено.
Утре пристигнуваат вакцините од Србија, а станува збор за околу 8 илјади. Српскиот претседател, Александар Вучиќ му понудил на премиерот Зоран Заев да ги донираат. Но, наместо донација, Заев рекол дека сакаат да ги платат по набавна цена.
Во минатите недели Бугарија и Грција сами се пријавија да ни отстапат дел од ковид-вакцините со кои тие ќе располагаат, но сè уште нема ни трага ни глас од нивната помош за Македонија.
Најавата за осум илјади вакцини Фајзер од Србија доаѓа откако во оваа земја против корона вирус се вакцинира забрзано. Таму пристигнаа и вакцините од Кина. Вакцинацијата против ковид-19 во соседна Србија е во напредна фаза. Таа почна во декември и досега се вакцинирани голем број граѓани.
Вакцината на Фајзер
Американската фармацевтска компанија „Фајзер“ и германската биотехнолошка компанија „БајоНТех“ соопштија дека вакцината развиена против пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) е ефективна. Ова се однесува и на мутацијата на коронавирусот откриена во Велика Британија и Јужна Африка. Веста ја пренесе Агенција Анадолија (АА).
Во заедничкото соопштение на двете компании се наведува дека според истражувањето спроведено од страна на Одделот за медицина при Универзитетот во Тексас и „Фајзер“, малите разлики откриени при тестовите на оригиналниот Ковид-19 и мутацијата на овој вирус имаат мала можност да предизвикаат значајно намалување на ефектот на вакцината.