• Fri. Nov 22nd, 2024

Уште шестмина руски дипломати ќе бидат протерани од Македонија

Министерството за надворешни работи информира дека денеска бил повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му била врачена дипломатска нота, со која шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или персона нон грата.

„Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена“, се наведува во соопштението на ресорното министерство.

МНР пред две недели прогласи петмина дипломати на руската амбасада во Скопје за непожелни. Од почетокот на војната во Украина, Русија ја прогласи Северна Македонија за непријателска држава, откако земјава се приклучи кон санкциите на ЕУ.

Минатата година двајца руски дипломати беа прогласени за персона нон грата, едниот во мај, а вториот во август и беа протерани од Северна Македонија.

И во двата случаја Русија реагираше со реципрочни мерки, односно со протерување на македонски дипломати од Москва.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *