Музичарите Ставре Ангелаков и Љубен Маџиров, утре ќе одржат уникатен концерт во Босилово со инструменти од рециклиран отпад. Уметниците ќе им вдахнат нов живот на отфрлени и дотраени предмети и од нив ќе произведат музика. Концертот ќе се одржи во рамки на „Босилско културно лето“, летна манифестација што за првпат се одржува во оваа општина.
Настанот е во „Дом на култура“ во Босилово од 20 часот, а влезот е слободен .
Целта на проектот „Креативна рециклажа“ е да се подигне нивото на еколошка и креативна свест кај луѓето, а особено кај децата, во однос на тоа дека на голем дел од работите кои се фрлаат можат да се рециклираат.
„Во овој проект конкретно ќе работиме на создавање музички инструменти, а од нив и музика, но ваквиот пристап и размислување се рефлектира, и е многу близок со било кој друг начин на рециклирање. “Креативна рециклажа” всушност има цел да ги охрабри луѓето да размислуваат еколошки, а истовремено и креативно.
Ваквото размислување значително може да го промени начинот на обсервација на предметите кои веќе не ја вршат нивната примарна функција поради оштетеност или дотраеност. Односно ќе покаже дека некои предмети можат да се користат повторно – да се рециклираат. Крајниот резултат би бил почиста животна средина“, велат организаторите на концертот.
На концертот, во недела, ќе бидат претставени музичките инструменти и музиката која ќе произлезе од нив.
Носители на проектот се Ставре Ангелаков и Љубен Маџиров.