Улогата на централните банки е многу важна, особено во вакви кризни времиња. Напорите за водење прудентна монетарна политика придонесуваат за услови за ревитализација на македонската економија.
Ова беше истакнато на состанокот на британската амбасадорка, Рејчел Галовеј и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на којшто се разговараше на теми поврзани со економската состојба во нашата земја.
На состанокот, гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на најновите макроекономски проекции на Народната банка според кои се предвидува економски раст од 3,9% во тековната и наредната година, додека за 2023 година се очекува раст од 4%. Во однос на инфлацијата, со оглед на последните расположливи податоци, гувернерката посочи дека очекувањата на Народната банка се дека таа би се задржала на умерено ниво и би изнесувала околу 2,2% за 2021 година, а следната година би се намалила на околу 2%, со што би се задржала ценовната стабилност.