Годинашниот февруари е просечен до топол и екстремно сув месец во споредба со многугодишните просечни вредности, согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во државава.
-Месечната температура се движеше од -0,2 степени во Берово до 6,6 степени во Гевгелија. Споредено со просечните февруарски средномесечни температури, за триестгодишен период (1991-2020), годинашната беше 0,2 степени над просечната на ниво на држава. Средната максимална температура варираше од 6,0 степени во Маврово до 13,8 степени во Гевгелија. Највисоката максимална температура беше измерена на 19 Февруари во Гевгелија и изнесуваше 22,8 степени. Забележени се високи максимални температури особено во период од 16 до 26 февруари, кога е забележен продор на топлотен бран на целата територија на државата, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
УХМР наведува дека се забележени минимални температури под нулата во континуитет во првите 15 дена од месецот на сите мерни места. Средната минимална температура варирала од -6,1 степени во Берово до 0,9 степени во Гевгелија. Најниската минимална температура минатиот месец била измерена во Берово – на 9 февруари и изнесувала -16,1 степени.