• Fri. Nov 22nd, 2024

Туристички агенции добивале државна помош без решение

Туристички агенции добивале државна помош од буџетот за справување со економските последици од пандемијата без изготвени решенија од Генералниот секретаријат на Владата. Ова го утврди државниот ревизор во извештајот за негативните ефектите од Ковид-19 во туризмот како сектор.

Државниот завод за ревизија, во објавениот извештај во мај, утврдил дека во рамките на шестиот пакет мерки, туристичките агенции добивале неповратни грантови од 2.000 до 5.000 евра. Во зависност од лиценцата и остварените приходи.

Од 261 поднесено барање, одобрени биле 258 на крајот од минатата година. вкупниот буџет бил 86,1 милиони денари. Од нив, реализирани биле само 52,3 милиони. Исплатата се вршела без поединечни решенија од страна на Владата врз основа на што би се барале средствата назад доколку не бидат задоволени бараните услови.

„Со извршениот увид во документацијата утврдивме неправилност на начинот на евалуација на пристигнатите барања од страна на Комисијата. Имено, при пресметка на износот на средства за финансиска поддршка за правни субјекти кои освен шифра на дејност – туристичка агенција, имаат и друга шифра на дејност, податоците за приходите во структурата на приходи по завршна сметка се земени во вкупен износ, а не поединечни износи на приходи остварени по шифра на дејност – туристичка агенција, со што им е овозможено на овие правни субјекти да остварат повисок износ на поддршка“, се вели во ревизијата.

Други неправилности во исплатата

Ревизијата од проверката заклучила дека им биле исплаќани средства на туристички агенции како да поседуваат лиценца А иако го немале потребниот број на вработени. Така било и при првата државна помош од четвртиот пакет на економски мерки. Тогаш од 116 милиони денари за грантови, биле исплатени само 80 милиони денари за туристичките агенции.

Ревизорот заклучува дека и другите мерки за помош на секторот туризам во пандемиските години се реализирале половично. Некои воопшто и не се оствариле. Така, предвидената помош од 64,6 милиони денари за хотели надвор од туристичките центри вооопшто не се реализирала. Тие биле доведени во нерамноправна положба. Не се реализирала ниту мерката од најавените 50.000 бесплати ПЦР тестови за странски туристи.

На туристичките водичи првиот пат во рамки на вториот пакет им биле поделени 5 милиони денари на вкупно 78 од нив. Но, при шестиот пакет на економски мерки, голем дел од нив биле одбиени и не добиле финансиска помош, затоа што „остварувале други приходи“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *