Три семејства до Гевгелија ќе станат згрижувачи. Ова е резултатот од кампањата што летово ја спроведе Министерството за труд и социјална политика во сите градови во Југоистокот. Да се промовира згрижувањето како хумано и општествено добро, да се истакнат предностите за згрижувачкото семејство, но и за децата кои се згрижуваат. Тоа беа главните пораки што ги испраќаше тимот од Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при СОС-Детско село.
На настаните зборуваа и згрижувачи од регионот, но, според СОС-Детско село досега во овој регион имало само десетина семејства згрижувачи, од кои најчесто биле згрижувачи во роднински врски. На настаните се промовираа и условите за некое семејство да добие сертификат на згрижувачко.
Услови да се стане згрижувач
Постапката за станување на згрижувачко семејство започнува со поднесување на Барање до месно надлежниот центар за социјална работа во општината во која живее идниот згрижувач каде се приложува законски пропишаната документација.
- Згрижувач може да биде само лице кое е полнолетно.
- При изборот на згрижувачко семејство се зема во предвид општата здравствена состојба и подобноста на подносителот на барањето и на сите членови на семејството.
- Згрижувачот е должен на малолетното дете да му обезбеди: згрижување и сместување во семејството, нега, општа и лична хигиена, исхрана, неопходна облека и обувки, грижа за здравјето на детето, грижа за неговиот личен развој, воспитание и образование.
- Згрижувачот е должен да се грижи и за задоволување на етичките, културните, забавните и рекреативните потреби на детето кое е сместено во семејството, како и да ја почитува етничката припадност и верските обичаи на сместеното дете.
- Истовремено згрижувачот е должен да овозможи продолжување на врската на детето со неговото биолошко семејство, доколку го има и таква можност и волја постои, како и да се грижи и да го подготвува детето за средбите со неговото биолошко семејство.
- Детето се сместува во згрижувачко семејство додека не се обезбеди трајно решение за негово сместување, а тоа е да се врати во биолошкото семејство или да биде посвоено.
- Законот за социјална заштита дава право на надоместок на трошоците за сместување на детето и надоместок за згрижување.
Надоместок за згрижувачко семејство
Согласно Одлуката за цената на социјалната услуга за 2022 година висината на месечниот надоместок изразен во нето износ, изнесува:
Износот на социјалната услуга за згрижување во општо згрижувачко семејство, изнесува:
- 16.730 денари месечно за дете, кога е згрижено едно дете,
- 14.554 денари месечно за секое дете, кога се згрижени две деца,
- 13.091 денари месечно за секое дете, кога се згрижени три деца,
- 12.041 денари месечно за секое дете, кога се згрижени четири деца,
- 11.249 денари месечно за секое дете, кога се згрижени пет деца.