Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со претставници на Македонската банкарска асоцијација – Скопје, на која разговараа за досегашната и за идната соработка меѓу Министерството и банкарскиот сектор.
На почетокот на пандемијата предизвикана од Ковид-19, со цел спречување ширење на вирусот, со заклучок на Владата на РСМ беше однесена одлука за предвремена и етапна исплата на пензиите на крајот на месецот за пензии што се однесуваат на тековниот месец.
На средбата се потврди добро воспоставената соработка, со заклучок дека таа ќе продолжи и понатаму, односно дека пензиите и во иднина ќе продолжат да се исплаќаат предвремено, на крајот на месецот.
За Министерството за труд и социјална политика, грижата за пензионерите е приоритет. Потврда за тоа е воспоставувањето на новата методологија за усогласување на пензиите на долг рок, со која пензиите ќе растат во континуитет, како и финансиската помош од 3.000 денари за три месеци. Тоа значи и подигнување на животниот стандард на нашите највозрасни граѓани во државата.