Време е да се разговара за утврдување на минималната пензија на ист начин како што имаме утврдена минимална плата, смета министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа денес на вториот ден од „Текстилијадата“ во Штип, одговарајќи на новинарско прашање за барањата на пензионерите минималната пензија да изнесува 20.000 денари, рече дека в година ќе се одлучува колкава да биде минималната пензија.
„На состанокот кога го креиравме моделот за усогласување на пензиите, зборувавме со претставниците на Сојузот на пензионерите дека време е во 2023 година да почнеме да разговараме за систем на минимална пензија, како што имаме и минимална плата, меѓутоа колкава ќе биде зависи од анализите што треба да се направат во меѓувреме и секако во дијалог со Сојузот на пензионерите. Време е да се размислува за минимална пензија“, рече министерката Тренчевска.
Таа потсети дека со усогласувањето во јануари од 2,9 % и сегашното од 6,8 % пензиите се покачени речиси 10 %, нешто што никогаш во изминатиот период не се случило, а следно усогласување ќе има во март 2023 година.