„Состојбата со пандемијата во детските градинки е стабилна, за тоа потврдуваат и податоците кои ги добиваме на дневно ниво, како и пресекот на неделна основа. Во последната недела евидентирани се 75 вработени лица и 24 деца позитивни на Ковид-19, на ниво на држава,“ информираше министерската Тренчевска во интервјуто за ТВ 24.
Според Тренчевска, протоколите за заштита од пандемијата во градинките се почитуваат.
Раниот детски развој е во фокусот и Владата и на Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока рече Тренчевска, Владата од 2017 година до сега, отвори 61 нова градинка. До крајот на мандатот ќе бидат опфатени 50 % од децата во предучилишно образование.
„Оваа година, отвораме 10 нови детски градинки, кои се во завршна фаза, започнува со градба уште една градинка во Гостивар за 100 деца, а преку средства обезбедени со ИПА фондови веќе се склучени договори изградбата на 2 нови градинки во Тетово и Теарце. За овие капитални инвестиции од буџетот на Министерството за труд и социјална политика издвоени се 196 милиони денари. Вложуваме во раниот детски развој и во градските и во руралните средини, затоа што секое дете е еднакво важно“ рече Тренчевска.
Таа ги повика општините да аплицираат со свои проекти за изградба на детски градинки и притоа посочи дека секоја локална заедница има еднакво право и можност за изградба на нови објекти од предучилишно образование.