На оние кои штрајкуваат во школите и градинките ќе им бидат исплатени само придонеси, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Министерката вели дека тоа не значело дека врз вработените се прави притисок да го прекинат штрајкот, туку, како што вели, тоа е само почитување на законите и Колективниот договор.
Синдикатот на образованието, науката и културата штрајкува во школите и градинките од 11 април, со барање за поголеми плати.
„Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат“, рече министерката Тренчевска по посетата на градинката „Орце Николов“ во Општина Карпош.