• Fri. Nov 22nd, 2024

Тренчевска: Остануваме посветени на прашањето за родовата еднаквост

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска присуствуваше на првиот ден од дводневната јавна дебата за предлог-законот за родова еднаквост во Ресурсниот центар за родово одговорно креирање  политики и буџетирање. На дебатата којашто е одржана со цел транспарентно и инклузивно носење на законите присуствуваа претставници од министерствата и сите други релевантни институции, како и граѓански организации.

Министерката Тренчевска на почетокот од своето обраќање истакна дека законот се работи повеќе од три години и дека ова е седма јавна дебата од планираните девет, на која ќе се слушнат мислењата, предлозите и препораките од релевантните чинители. Таа истакна дека на ваков транспарентен и инклузивен начин се носат закони кои ја унапредуваат родовата еднаквост.

„Има неколку новини во предлог-законот. Една од најважните работи е родовата интеграција. Кога се зборува за родовата еднаквост, не се мисли само на јавниот сектор и на државните органи и управа, туку и вклучување на ова прашање во приватниот сектор. Од особено значење е да зборуваме за еднаквост во сите области на општественото живеење“, истакна Тренчевска.

Таа додаде дека кога се работи за родовата еднаквост, се работи за човековите права и дека нема да се отстапува од приватниот сектор затоа што тоа е особено важна алка во синџирот за спроведување на родовата еднаквост.

„Верувам дека дискусијата ќе вроди со дополнителни предлози и сугестии за да го направиме законот не само пишан текст на хартија, туку нешто што може да се имплементира во наредниот период“, истакна Тренчевска.

На крајот од своето обраќање министерката рече дека очекува отворена, конструктивна и плодна дискусија со која ќе може да се заврши законот со цел негово влегување во Владина и собраниска процедура.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *