Цената на тестенините се намалува 15 проценти, а 10 отсто цената на млечните производи, објави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
„Се замрзнува, односно намалува, цената на макароните и шпагетите за 15 проценти на цената што се применува во трговијата на 1 март, односно во просек од 8 до 9 денари“, рече Ковачевски.
За овие продукти се укинуваат и царинските давачки за увоз за периодот од 13 март до 31 мај.
Млечните производи се намалуваат од 17 март, а како што објави премиерот, во оваа група влегуваат трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, урдата, кравјото бело сирење и мешаното бело сирење, кравјиот кашкавал, со исклучок на кравјиот кашкавал без додатоци и пармезанот, киселото млеко, павлаката и јогуртот без додатоци.
И за млечните производи одлуката ќе важи до 31 мај.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека за замрзнување на цените на шеќерот, јајцата и на оризот ќе се донесе дополнителна одлука.
„Ќе ни останат шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз, за кои следната недела ќе се направат анализи. Можно е да бидат замрзнати и овие цени“, рече Бектеши.
Министерот образложи дека во согласност со анализите од секторот за трговија, повеќето од компаниите ја користат максималната маржа, која беше наведена, и затоа одлучиле да ги сменат моделот и цените.
Повика на солидарност од сите стопанственици за кризата да не биде на грбот на граѓаните.