Деновиве, од печат излезе стихозбирката „Светот и јас“ од Марина Икономова Шокева. Книгата е во издание на ПНВ Публикации од Скопје.
Се работи за трета стихозбирка на Шокева. Претходно ги издаде „Слики од бунарот“ (2017, Ѓурѓа) и „Директни обраќања“ (2019, ПНВ Публикации).
За новообјавената стихозбирка „Светот и јас“ Мерсиха Исмајлоска ќе рече: „Слично на Бодлер, и Шокева се игра со сензибилитетот на градот. Во нејзиниот случај тоа е Охрид, а таа го открива на неколку начини. Во неколку нијанси, прикажувајќи едно негово помалку познато лице, што само најхрабрите можат да го сакаат. Како противтежа на градот е жената, онаа од нашата улица, онаа смелата.
Шокева не се расфрла со феминистички концепти, напротив, таа ја покажува силата на секоја жена. Често таа сила е суптилна и нежна, но во исто време зрачи со некоја волчја одлучност и сигурност. Таков е, всушност, и односот на лирскиот субјект и светот. „Светот и јас“ не е нешто неодредено, тоа се дефинира преку стиховите во кои интимниот свет води дијалог со оној другиот. Така, лирското „јас“ вели дека „промените го вознемируваат“, оттаму и таа носталгија за нештата што се промениле, а нештата секогаш се менуваат… А, како и во случајов, носталгијата е една од најголемите поетски инспирации, таа се опева за да потсети дека лириката токму преку носталгијата станува певлива, запаметлива. Таа така и се менува. Сместена меѓу стиховите, како да ја губи својата моќ да натажува, таа добива моќ да вдахнува. Токму поради специфичниот однос кон носталгијата и ракописот на Марина Икономова Шокева е посебен.“
Изданието е поддржано од Министерството за култура.
Марина Икономова Шокева (Охрид, 1966) дипломирала на Катедрата за англиски јазик и книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје.
Нејзини песни се објавени во неколку поетски алманаси и литературни печатени и електронски списанија во Македонија, во Србија, во Босна и Херцеговина и во Црна Гора: „Литературни искри“, „Бранувања“, „Стремеж“, „Современост“ „100 Илјади поети за промена“, „Поетски слем, Македонија“ (Македонија), потоа „Поезијата стенка“ и „Месопотамија“ (Србија), „Вавилонска библиотека“, како и во зборникот на фестивалот за кратка книжевна форма „Затон“ (2020, Црна Гора), „Човек-часопис“ (Хрватска), „Дуњалучар“ и „РегионЕле“ (БиХ), а на англиски јазик, нејзина песна е објавена на страницата на фестивалот „Ледбери поетри фестивал”.
Во 2019 г. на онлајн натпреварувањето во Италија “Quando e la vita ad invitare”, добила втора награда во странската конкуренција. Истата година добитник е и на специјалната награда „Антево слово“ во Сицилија, Италија. Учествувала на бројни поетски читања во земјава и во регионот.