• Fri. Nov 22nd, 2024

Светиот благодатен оган вечерва пристигнува во земјата

Светиот благодатен оган вечерва пристигнува во земјата. Во вечерните часови, во нашата држава ќе пристигне Светиот благодатен оган на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, ќе ја има честа на Меѓународниот аеродром во Атина, Република Грција, да го преземе Светиот благодатен оган од страна на грчката државно-црковна делегација, која ќе го донесе од Ерусалим, каде што речиси два милениума се симнува во пладневните часови во Христовиот гроб во црквата на Христовото воскресение на Велјасабота.

По пристигнувањето, Светиот оган на Меѓународниот аеродром во Скопје ќе биде пречекан и преземен од претставници на православните епархии, кои ќе го однесат во сите градови во државата. Директорот на Комисијата, Сотировски, по доаѓањето, Светиот оган ќе му го предаде на неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, во резиденцијалниот манастир „Св. Георгиј Победоносец“ во Скопје.

Од Комисијата потсетуваат на апелите за задолжително придржување до мерките за заштита од коронавирусот, со особен акцент задолжително носења заштитна маска во храмовите и надвор од нив.

извор: Макфакс

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *