На располагање нови средства за сточарите кои набавиле пчелини
матици и чистокрвни свињи во тек на минатата година
Сите сточари кои во период од 01- ви октоври до 31- ви декември
2020 година, набавиле педигрирани, хибридни чистокрвни свињи или
пчелини матици од одобрени одгледувалишта, ќе може да поднесат барање
за добивање на финансиска поддршка преку Мерката „121 Инвестиции во
модернизација на земјоделски стопанства“ од Програмата за Рурален развој.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и
руралниот развој, Никица Бачовски, информира дека право на аплицирање за
добивање на оваа финансиска поддршка, имаат сите земјоделски стопанства
запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, (ЕРЗС) во
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, согласно
Закон за земјоделство и рурален развој.
Сите апликанти кои ќе аплицираат за набавени пчелини матици може да
добијат финансиска поддршка до 600.000 денари по корисник, додека за
набавка на педигрирани чистокрвни или хибридни свињи финансиската
поддршка е до 6.500.000 денари по корисник.
Финансиската поддршка за Мерката 121, се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од
вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.
Бачовски, појаснува дека ставката за ко-финансирање се зголемува во
случаите кога:
-Инвестицијата ја реализирал млад земјоделец. За оваа категорија баратели,
кофинансирањето изнесува 55%..
-за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско
производство кофинансирањето е до 60% ,
-за инвестиции во подрачја со ограничени можности на земјоделско
производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец
кофинансирањето е до 65% и
– инвестиции во недостапни рурални заедници се кофинансираат со 75% од
средствата кои се прифатени. “ – посочува Бачовски.
Барањата се поднесуваат електронски по извршена регистрација на веб
страната на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и
руралниот развој www.ipardpa.gov.mk , e-baranje.ipardpa.gov.mk.
Барателите на финансиска поддршка, потребно е да креираат електронско
барање за исплата. Со бараните податоци да ги прикачат и задолжителните
електронски документи.
Електронски пополнетото барање за исплата од
Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.,
уредно заверено со потпис и печат од барателот, заедно со целокупната
потребна документација оригинал се доставуваат во затворен плик со
назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“
Барање за исплата и Архивски број на Барањето (0220-12125-XXXX/1).
Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на
Агенцијата.
Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу
две барања за користење на поддршка по различни мерки, земајќи ги предвид
и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот
развој за 2021 година.
Краен рок за достава на барањата е 15.04.2021 година.
Барателите кои ги исполниле условите за користење на средства се рангираат
со бодување утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на
корисници по мерките за рурален развој.
Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски
обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
како и финансиските обврски кон Јaвното претпријатие за стопанисување со
пасишта и воден надоместок кон водостопанските претпријатија.