Струмичките матуранти бојкотираат. Матурантите од гимназијата Јане Сандански денеска не ја почнаа наставата од второто полугодие. Учениците во четврта година се приклучија на бојкотот што го иницираше Сојузот на средношколци. Од управата на училиштето информираат дека само во два класа имало по неколку ученици, останатите воопшто не се вклучиле на онлајн наставата.
И во средното училиште Димитар Влахов имало ученици што бојкотираат. Во сите струки во училиштето имало ученици што не се вклучиле на наставата, но голем број биле и присутни. Во Средното училиште Никола Карев, пак, велат дека не бил голем бројот на матуранти што не се вклучиле на наставата. Не се знае каква ќе биде ситуацијата утре. Дали учениците ќе се приклучат кон бојкотот или ќе се вратат на наставата од второто полугодие, засега нема најави во струмичките училишта.
„Сојузот на средношколците донесе одлука да почне со бојкотирање на наставата во четврта година од четврток, 21 јануари, сè додека нашите барања за државната матура не бидат исполнети“, соопшти Сојузот на средношколците.
Од таму појаснуваат дека одлуката за бојкот доаѓа откако образовните институции, односно Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар (ДИЦ) не биле подготвени да соработуваат за нивните барања да бидат прифатени и тие успешно да се спроведат.
Матурантите бараат и МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март годинава да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.
Сојузот на средношколците најави дека бојкотот ќе трае една недела, а потоа дополнително ќе одлучат дали ќе продолжат да протестираат.