Струмички поети гости на „Валандовско поетикување“. Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со Општина Валандово, на 11 јуни 2021 година, со почеток во 18:00 часот, во градскиот парк Пеонија во Валандово ќе ја реализираат првата книжевна манифестација Валандовско поетикување.
На поетското читање се планирани да настапат десетмина реномирани поети и автори од Струмица, Валандово и регионот, познати на книжевната јавност. Воведната реч ќе ја има Ацо Гогов, писател и литературен критичар, а авторите кои ќе настапат се: Вања Изова Велева, Ѓорѓи Калајџиев, Митко Гогов, Мирна Трпкова, Ален Нанов, Станка Бајлозова Барламова, Бранко Ѓеоргиев, Магдалена Јованова и Цветанка Џонова.
Во време кога секој од нас се обидува да ја надмине штетата која ја остави ковид пандемија од исклучителна важност се ваквите книжевни манифестации кои ги реализираме со цел подигање на духот на граѓаните, нивно позитивно анимирање и оттргнување од секојдневните проблеми со кои секој од нас се соочува во оваа криза. Можноста да бидеме на отворено во преубавиот амбиент на градскиот парк Пеонија во Валандово и да ги слушнеме и видиме домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап е навистина реткост. Овој нов мултимедијален формат кој ќе го користиме за првото издание ќе направи Валандово да биде препознато на мапата на книжевна поетска мисла која ќе ни биде водилка во периодот што следи.