„Нескојдневна изложба на млади луѓе. Речиси 1800 километри ги дели партнерските градови Струмица и Грујец ,Полска ,но сепак, географското растојание помеѓу овие два града за реализација на овој меѓународен проект не претставува пречка“. Вака беше најавена изложбата на слики и цртежи „Поврзани преку уметност“ што синоќа беше отворена и во Струмица и во збратимениот град Грујец во Полска.
На изложбата од македонска страна се претставени дела од ученици од Средното општинско училиште „Димитар Влахов“ од Струмица, под менторство на професорката Љупка Галазка – Василев, а од полска страна се претставени дела од учениците од Канадското училиште во Варшава, како и од членовите на Ликовното студио при Центарот за култура во Грујец под раководство на кураторката, Агниешка Цецилија – Казала. Градоначалникот на Струмица Коста Јаневски, преку онлајн врска ги поздрави присутните на изложбата во Полска.
-Ме воодушеви фактот што двете изложби со истите учесници се одвиваат паралелно во двата збратимени града Грујец и Струмица, што дава до знаење дека за младоста и уметноста не постојат далечини. Од друга страна, изложбата презентира свои видувања на млади луѓе од две различни земји кои зборуваат на два различни јазика и имаат различни погледи на светот и својата иднина“ – кажа градоначалникот Коста Јаневски во своето поздравно обраќање до учесниците и гостите во Струмица и Грујец.
На изложбата во Струмица присуствуваше и полскиот амбасадор во Македонија, Војчех Туцински.
-Најпрвин сакам да ви се збалагодарам за поканата да дојдеме во Евроспката куќа и да присуствуваме на отворањето на изложбата. Оваа недела беше доста активна за нашата мала амбасада во Скопје. Неделава го организиравме состанокот на амбасадорите од Вишеградската група со премиерот Заев, учествувавме на Економскиот форум, а во македонскиот парламент ја отворивме изложбата за историјата на Вишеградската група. Истовремено работиме на посетата на полскиот минситерот за надворешни работи во Скопје кој ќе стигне следната недела. Ова потврдува дека нашите односи се многу активни и добри. Но и покрај се, дојдовме тука на отворањето на изложбата во Струмица поради три причини. Прво настанот е за младите. Второ станува збор за културата и како трета причина е соработката меѓу локалните власти на нашите две земји, рече амбасадорот Туцински.
Изложбата презентира интересни видувања на младите луѓе од две различни земји ,кои зборуваат два различни јазика, со различни погледи на светот и својата иднина. Јазикот на уметноста е универзален јазик и најдобра форма на диајлог во денешното општество.