• Thu. Nov 21st, 2024

Струмица го исфрли терминот „Родова еднаквост“ од Стратегијата за млади

Со 23 гласа „за“ Општина Струмица едногласно изгласа дека новата Стратегија за млади што се носи во општината  ќе го  исфрли терминот „Родова еднаквост“. Наместо „Родова еднаквост“ ќе стои „еднаквост меѓу мажите и жените“. Промената е на предлог на советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ристов, кој побара да се разјаснат дел од членовите во Стратегијата, додека  градоначалникот Костадинов, рече дека ставот на општината е јасен и тој дел од текстот ќе се промени.

„Апелирам заради терминолошко појаснување да се интервенира во самата стратегија и секаде каде што стои „родова еднаквост“ за да немаме дилеми каков е ставот на градоначалникот, а и на советниците да стои „еднакви можности помеѓу жените и мажите,“ рече Костадин Костадинов, градоначалник на о.Струмица.

Одлуката на општината е популистичка и на штета на неколку млади трансродови лица кои би биле исфрлени од Стратегијата, вели Ирена Цветковиќ од коалиција „Маргини“.

„Но, она што е уште пострашно е тоа што вакво здружување на политичките сили и елити го немаме кога станува збор за прашања коишто навистина ги засегаат младите. Тоа се партиски вработувања, квалитетот на воздухот во Струмица, иселувањето во целиот југоисточен регион, па и во Струмица, донесување можност за култура и спорт помеѓу младите, отворањето на тој тип на институции и слично. За тоа ние немаме здружена акција, немаме визија, но, за да се заштитат мнозинството биолошки мажи и жени од две трансродови личности, гледаме дека овој тип на популизам за жал, не само што носи кон ускратување на нечии права, туку води и кон погрешно водење на политика,“ рече Ирена Цветковиќ од Коалиција „Маргини“.

Епископот Јаков Стобиски, пак, кој ги повика пратениците да бидат внимателни со Законот за родова еднаквост, смета дека ваквата одлука е исправна и  дека и другите општини треба да го сторат истото.

„Таканаречената родова еднаквост е всушност изедначување на мажите и жените со луѓе што сакаат да бидат тоа врз основа на внатрешни субјективни чувства, а не врз основа на објективната стварност и здраворазумната наука. Ја поздравувам одлуката на советот и градоначалникот на Општина Струмица со која ја бранат реалноста, но и слободата на нашето постоење и безбедната иднина на жените и децата пред се од дискриминација и индоктринација. Се надевам дека и другите општини ќе ги заштитат своите граѓани од родовата идеологија следејќи го примерот на Општина Струмица. Секој нормален човек е апсолутно за полова рамноправност и еднакви можности на мажите и жените во однос на остварување на своите права,“ вели Викарниот епископ Стобиски г.Јаков.

Министерката за труд и социјална политика, ЈованкаТренчевска, во медиумите изјави дека Законот за родова еднаквост е во работна верзија и во фаза на консултации со сите заинтересирани страни. Ќе има отворени дебати сѐ додека не се добие издржано решение, без правни празнини.