Струмичката болница ќе може да врши стентирање и ангиографија. Како што информираат од управата на болницата пуштена е во употреба единицита за интервентна кардиологија.
Стентирањето на коронарните артерии претставува модерен начин на решавање на недоволното крвоснабдување на срцевиот мускул, а кое најчесто е последица на атеросклеротични промени на артериите и честа ургентна состојба во интерна амбуланта.
„Со тоа овозможуваме ургентен третман во нашата болница за овие животно загрозувачки состојби за пациентите во прединфарктна и инфарктна состојба кои досега ги транспортиравме во Скопје и Штип“, велат од болницата.
Во работата на интервентните процедури е вклучен кардиолошкиот тим во ЈЗУ Општа болница Струмица Др.Верица Милушева Трендова и Др Методија Иванов со поддршка на експерти кардиолози од Клиника за кардиологија, Др Жан Зимбаков и Др .Оливер Бушлетиќ .
Успешно се завршени 2 интервенции од кои на едниот пациент му беше имплантиран стент.
Нашата цел како јавна здравствена установа е да овозможиме квалитетна дијагностика , со нова модерна опрема и нови дијагностички и терапевтски процедури , неопходни за навремена дијагноза и третман на пациентите.