Од денеска стапува на сила законот за неработен ден недела. Со законските измени во недела не треба да работат околу 92 отсто од работниците. Владата ги предложи, за како што соопшти да се воспостави рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.
Државниот инспекторат за труд соопшти дека со влегувањето во сила на законските измени и дополнувања на Законот за работни односи за недела неработен ден, од 2 јануари ќе воспостави дежурства во недела по региони, на кои работниците можат да пријават доколку им се прекршени правата во врска со работата во недела.
Пред започнување на вршење на работа во недела, работодавачите се должни да го известат Државниот инспекторат на труд на пропишан образец- Известување за вршење работа во недела, кој може да се најде на веб страницата на Државниот инспекторат за труд.
Пријавувањето може да го направат на неколку начини: на веб страницата на ДИТ (https://dit.gov.mk/ ) анонимно или како пријава од познат подносител, со поднесување на пријава во архивите на подрачните одделенија и во централата на ДИТ од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, преку кол центарот повикувајќи го бројот 15131 од понеделник до петок од 8.30 до 16.30, и во недела почнувајќи од 2 јануари 2022 година од 8.30 до 16.30 часот на дежурните инспектори по региони.