Средношколци и професори од дрвно-преработувачката струка во СОУ „Никола Карев“ изработија 927 шкафчиња за сите ученици во ООУ „Никола Вапцаров“ и за подрачното училиште во селото Градско Балдовци, а материјалите ги донираше Општина Струмица во износ од 1,7 милиони денари.
– Иницијативата е на учениците што значи дека и тие партиципативно учествуваат во креирањето на локалната политика, затоа што ние сме Општина отворена за соработка со сите граѓани. Оваа успешна практика ќе ја продолжиме и понатаму со други струки во СОУ „Никола Карев“, но и со СОУ „Димитар Влахов“, изјави градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој денеска беше во посета на ООУ „Никола Вапцаров“.