Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој престојува во еднодневна посета на Република Македонија.
На средбата се разговараше за актуелните политички случувања во Македонија, за предизвиците во однос на европските перспективи на земјава и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.
Претседателот Пендаровски ја поздрави посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија и информираше за текот на широкиот консултативен процес кој се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата во нашето општество по тоа прашање.
Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ интеграцијата на нашата земја. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан.