Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е дециден дека немало обид за скривање на убиството на ракометарот Денис Тот. Информациите дека нема траги на насилство се информации добиени од Клиничкиот центар, вели министерот, а потоа се добија и потврдија информациите дека ракометарот бил претепан. Критичната вечер, кога Тот бил претепан до смрт, во полицијата немало пријава за нарушен ред и мир.
„Постојат повеќе причини кој бил поводот за настанот. Според изјавите што ги имаме, тоа е лично недоразбирање меѓу девојката и момчето“, рече Спасовски.
Тој додаде дека немало запирање на постапката и се работи на расчистување на случајот.
„Сочувство до семејството на починатиот и да го отфрлам сето она што деновиве се пласира во јавноста за наводно криење на овој случај. Во ниту еден момент нема никаков застој во истрагата. Веднаш по добивањето на информацијата, која не е добиена од самото место за нарушување јавен ред и мир за тепачка, туку од Клиничкиот центар, нашите екипи се излезени и почнуваат истражните дејства. Немаме запирање во ниту еден момент сѐ до целосното расчистување на случајот со поднесување на кривичните пријави во рок од 24 часа. По едно лице се трага. Ќе се распишуваат меѓународна и домашна потерница“, изјави Спасовски.
Нема податок дека третиот осомничен за убиството, по кој се трага, ја напуштил државата.
„Прибираме податоци и информации за сите аспекти. Колегите работат и ќе видиме за резултатите од целиот настан. Се бараа информации од брзата помош, од каде е подигнат човекот, а првата информација се базира на увидот и анализата што ја направиле на Клиничкиот центар. Истражните дејства продолжуваат сѐ до расчистување. Вие бевте сведоци дека немало снимки, дека се избришани итн. Такви дезинформации не помагаат. Сите аспекти во тој дел, во делот на посета на местото на настанот кога ни беше укажано каде е пронајдено момчето, преку камерите од ‘Сејф сити’, се пристапи кон расчистување на случајот“, рече Спасовски.
Во полиција изјави за настанот дал сопственикот на клубот „Привилиџ“, каде што бил претепан Тот, како и вработена. На видеоснимка детаљно се гледа настанот како се одвивал.
„Првичната информација ја даваме врз база на она што ни го кажуваат од Клиничкиот центар. Понатаму, има прегледување камери, истражни дејства, повикување сведоци, како сопственикот на дискотеката, вработената. Тие се повикани во четвртокот напладне. Сите лица што биле од интерес на истрагата се повикани во полициска станица и заведени“, додава Спасовски.