Поради енергетската криза во Европа, шпанската влада би можела да ја разгледа и опцијата за затворање на производството кај големите индустриски производители во периодот на врвна зимска потрошувачка, изјави денеска министерката за индустрија Рејес Марото.
Компаниите ќе добијат финансиски надомест од владата, додаде министерот за шпанската новинска агенција „Европа прес“. Засега нема потреба од затворање, потенцира Марото.
„Ако одлучиме за механизми за прекин на производството, кои во моментов не се неопходни… таа опција исто така се разгледува“, рече таа, нагласувајќи, сепак, дека снабдувањето со енергија на Шпанија оваа есен и зима е обезбедено.
Германските производители на хемиски производи и лекови веќе го намалуваат производството поради високите цени на енергијата и многумина може да бидат принудени да го стават клучот во бравата, предупреди минатата недела здружението VCI. „Хемиско-фармацевтската индустрија многу јасно ги почувствува последиците од војната во Украина во вториот квартал: астрономски цени на енергијата, нагло зголемени трошоци за суровини и континуирани проблеми со снабдувањето“, предупредија тие.
Производството годинава ќе биде помало за 5,5 отсто, а веројатно и за 8,5 отсто само во хемискиот сектор, според нивните пресметки. „Намалувањето на производството е првиот чекор. Ако одредени процеси треба целосно да се затворат, тие можеби никогаш нема да започнат повторно“, рече претседателот на VCI, Кристијан Кулман.
Според VCI, хемискиот и фармацевтскиот сектор се најголеми потрошувачи на гас во Германија, со учество во потрошувачката од 15 проценти. Тие користат гас како гориво и како суровина за понатамошна обработка, на пример во производството на пластика, лекови и вештачки ѓубрива, се посочува во написите.