Западен Балкан и влијанието на војната во Украина врз тој регион ќе биде темата на редовниот мајски совет на ЕУ кој ќе се одржи денеска во Брисел.
Идејата е заедно со нивните колеги од Западен Балкан да се разгледа влијанието на „руската агресија“ врз регионот. Министерите за надворешни, ќе добијат стратешки документ во кој се претставени начини како ЕУ да ја помогне и поддржи отпорноста на Западниот Балкан и да се решат последиците од „руската агресија врз Украина“.
„Западниот Балкан е силно погоден, почнувајќи од економскиот, политичкиот, дипломатскиот, комуникацискиот и безбедносниот сектор. Мораме да работиме на нивната издржливост бидејќи сите тие се на наша страна. Сите тие ја отфрлија руската агресија и тие се наши партнери и по тоа прашање“, се наведува во Советот на ЕУ.
Шефовите на дипломатиите од Западен Балкан ќе разговараат за конкретните проблеми на секоја земја, можната поддршка и соработка, но и за степенот на усогласеност со политиката, акциите и санкциите на ЕУ. На овој состанок ќе учествува и министерот на македонската дипломатија Бујар Османи.