За да се промовира средното стручно образование како остварлива можност за кариера, за првпат се одржа Дигитален саем за средно стручно образование во организација на МЦГО. На Саемот учествуваа 6 средни училишта од Републиката, меѓу кои и СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Училиштето зеде учество со профилот Готвач, како едно од најдобрите избрани средни училишта за презентирање на стручниот профил. Проектот, којшто е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка во соработка со Министерството за образование и наука, има за цел запознавање на учениците од деветто одделение од сите основни училишта низ државата со можностите за различни стручни образовни профили во средните стручни училишта, како и да слушнат успешни примери за соработка со бизнис секторот и обраќања на познати личности кои ќе споделат за своето професионално искуство.
Од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија учествуваа учениците од Угостителство и туризам, профил Готвач- Александра Мижорова и Ване Филипов, под менторство на професорката Марина Калкова, а од партнер компанијата „Фортуна Интернационал“ (Хотел „Аполонија“) учествуваше професионалниот готвач Драги Миов.