Во септември 2019 пет европски и светски организации за заштита на природата објавуваат извештај „Хидроенергија на Западен Балкан: Кој плаќа, кој профитира?“, во кој наведуваат дека околу една третина од малите хидроелектрани се сопственост на три субјекти, односно фирми на Кочо Анѓушев, Христијан Мицковски и на браќата Ѓоко и Зоран Стерјоски, кои се сопственици на спортска обложувалница.
Во извештајот се наведува дека бумот со малите ходроцентрали во земјата се врзува блиску со тогашниот заменик премиер за економски прашања, Кочо Анѓушев.
„Анѓушев и неговиот кабинет се тесно вклучени во изготвувањето и подготовката на спроведувањето на законодавствот во однос на искористувањето на обновливите извори на енергија и енергијата воопшто“,стои во извештајот „Кој плаќа, кој профитира“?
Во извештајот се нагласува и дека со изградбата на три мали хидроцентрали на реката Тополка повластените тарифи што ги добива неговата компанија ќе се зголемеле за меѓу 850.000 и 1.000.000 евра годишно.Договорот со владата гарантира откуп на целата произведена електрична струја по загарантирана цена.
„Со еден таков договор инвеститорот во која било банка во светот може да добие кредит. Кога имате договор со Владата тоа гарантира поврат на инвестицијата. Добиваат кредит, ги градат малите хидроцентрали. Повратот на средствата, во зависност од издашноста, е некаде за некој период од седум до девет години. Станува збор практично за заработка“, објаснува Ѓорѓи Митревски, проектен координатор за заштита на води во организацијата Екосвест.
Малите хидроелектрани имале најниска повластена тарифа
„Од сите повластени тарифи што сме ги имале во државата, и сега дел ги имаме, таа е убедливо најниска повластена тарифа. Значи, тврдењата дека е два ипол пати повисока се неточни, затоа што треба да разграничиме што е пазар, слободен пазар, а што е регулиран пазар. На слободниот пазар цената во Македонија е некаде, во зависност од годината, помеѓу 55 и 60 евра за мегават час, до пред да започне кризата. И, откако започна кризата, на пример оваа енергија којашто е од повластените производители, вклучувајќи ги и малите хидроелектрани, имаше периоди кога беше пет до шест пати поевтина. А, кај малите хидроелектрани и до осум-девет пати“, тврди претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, м-р Марко Бислимоски.
Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева
Овој текст и документарниот филм „Синото срце“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.