• Sat. Nov 23rd, 2024

Состојбата со епидемијата стабилна, единаесет градови без ковид-19

By

Jun 22, 2021

Министерот за здравство Венко Филипче вчера ја оцени состојбата со ковид како прилично стабилна, на што упатува малиот број на новодијагностицирани и на приеми во болниците. Тој соопшти дека засега не се планираат дополнителни рестриктивни мерки.

– Но, морам да потенцирам, будно ја следиме состојбата, не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот, изјави Филипче.

Министерот информира дека в петок се очекува да пристигне голема количина на вакцините „Фајзер”. А неделава се планира да бидат аплицирани околу 15 илјади вакцини. Филипче потсети дека во нашата држава има околу 240 илјади вакцинирани граѓани, а околу 180 илјади чекаат за вакцинација.

– Вакцинирано е население од некаде над 20 проценти од тие што треба да се вакцинираат, ако се исклучат децата, над 50 отсто се вакцинирани граѓани кои имаат над 70 години, околу 33 проценти од граѓаните над 60 години. Повторно ќе кажам, првиот момент ако видиме дека има таков ризик повторно ќе воведеме мерки, рече министерот Филипче.

Во однос на индискиот сој, истакна министерот Филипче, нема сè уште прецизни податоци.

– Сè уште нема доволни испитувања каде било во светот за да знаеме точно каков е ризикот за заболување, дали лицата коишто се вакцинираат имаат ризик да заболат. Тоа што досега се знае е дека ризикот да заболат лицата кои се вакцинирани е навистина мал. Но, во исто време и дека вакцината штити од тешка форма на болест од смртност дури и кај оваа форма на вирусот. Има некои публикации сега, излегуваат и некои други од западноевропските земји, меѓутоа, сè уште е рано да со сигурност се тврди нешто во врска со ова прашање, појасни тој.

Министерот Филипче вчера се сретна со дарителите на конвалесцентна плазма, од која досега се обезбедени вкупно 1732 единици и третирани 1431 пациенти.

Од Министерството за здравство објаснуваат дека лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

Вчера беа регистрирани три нови случаи на заразени со коронавирусот од направени 1.601 тестирања, 15 лица оздравени и двајца починати.

Досега во земјата се направени вкупно 856.274 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.627, бројката на оздравени пациенти е 149.877, на починати е 5.477, а бројот на активни случаи изнесува 273. Според епидемиолошки анализи, во Скопје има 102 активни случаи, Куманово – 34, Прилеп – 24, Тетово – 23, Кичево – 20, Охрид – 14. Единаесет градови се без активен случај. Тоа се градовите:

Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Ресен, Берово, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран. А во седум градови има само по еден активен случај.

Според статистиката, досега во светот се заразиле речиси 180 милиони луѓе, починале над 3,8 милиони лица, а оздравеле 163 милиони.

извор:https://www.slobodenpecat.mk/sostojbata-so-epidemijata-stabilna-edinaeset-gradovi-bez-kovid-19/

By

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *