Сообраќајните проблеми со ценарот на Гевгелија ќе мора да се решааваат приоритетно, смета градоначалникот Андон Сарамандов. На последната седница на Советот на Општина Гевгелија, одговарајќи на советнички прашања, тој се осврна и на неколку актуелни настани и приоритетни активности во општина Гевгелија. Сарамандов нагласи дека решавањето на сообраќајниот хаос во градот е од приоритетно значење.
Општината има проект за зонското паркирање, кој во наредниот период ќе оди на јавен увид, по што ќе следи и негова реализација. Во рамките на решението за сообраќајниот хаос, а за обезбедување поголем паркинг-простор, предвидена е, исто така, изградба на приватна катна гаража зад стариот пазар. Што се однесува до сообраќајните проблеми кај Општата болница, посебно на улицата „Белградска“ крај Детската градинка, според стручните мислења и сообраќајните услови се предлага поставување на заштини столпчиња на средната линија.
Во врска пак со локацијата на стариот градски пазар – дали да се уреди градски парк или изгради катна гаража, Сарамандов информираше дека ќе се знае откако ќе почне да се решава проблемот со сообраќајниот хаос во централното градско подрачје. Лично сметам дека таму треба да има катна гаража, а нов градски парк е предвиден кај месноста „Топлик“, нагласи градоначалникот на Општина Гевгелија, информирајќи ги советниците дека во моментот кај стариот пазар се рушат потпорните ѕидови и ограда, заради уредување на пешачка патека. Се со цел да се обезбеди поголема безбедност за пешаците, бидејќи улицата е тесна, а сообраќајната фреквенција е голема.