Со докази и аргументи поткрепени со научна мисла против нападите врз македонскиот јазик. Ова бил ставот на Блаже Конески за одбраната на вековниот континуитет и природен развој на македонскиот јазик, а денеска го повторија и професорите од Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде се обележа 5 Мај-Денот на македонскиот јазик.
Како одговор на зачестените актуелни напади врз македонскиот јазик од Бугарија, фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ ја резидаде публикацијата на Блаже Конески од 1948 година со наслов „По повод најновиот напад на нашиот јазик“. Реизданието беше претставено пред присутните во општинската библиотека „Гоце Делчев“ во Штип, каде се зборуваше и за значењето и улогата на Блаже Конески во кодификацијата и афирмацијата на македонскиот јазик.
Во статијата „Одговорите на Конески“ од академик Трајко Стаматоски, која се наоѓа како предговор на публикацијата, се вели: „Оспорувањето на македонскиот литературен јазик од одделни страни има свој непрекинат континуитет. Тој е особено изразен од бугарската и грчката страна. И додека во првите години на неговиот слободен развој (1945-1948) тој во Бугатија беше негиран од опозицијата, од 1948 ставовите нејзини ги презеде и официјалната политика, па потоа и науката.“
Понатаму, Стаматоски ќе рече: „Нова фаза во оспорувањето на самостојноста на македонскиот јазик означи 1978 година. Тогаш се објави во списанието „Б’лгарски език“ опширна статија потпишана од Инстиутот за бугарски јазик при БАН. Се искористи 100-годишнината од ослободувањето на Бугарија, на оспорувањето на посебноста на нашиот јазик да му се даде каква-таква теориска основа. Се оцени дека за поголема убедливост на изнесените ставови не е доволен авторитетот на редакцијата на списанието и на нејзиниот главен редактор, академик Владимир Георгиев, па се употреби и потписот на целиот Институт. Потпора за своите ставови се најде во „стројната теорија“ за различните форми на еден писмен јазик на советската романистка М.А. Бородина и во нејзиното разликување на поимите литературен дијалект, регионален литературен јазик и варијанта на националниот јазик, т.е. во сфаќањето дека еден јазик може да има „повеќе од една (неколку) писмени норми“. така, македонскиот јазик се прогласи за „Писмено-регионална норма на бугарскиот јазик во СР Македонија и му се даде еднаков статус со јазикот на малата група католички преселници од бугарија во Банат!
Се разбира, нашата наука за јазикот не можеше да остане рамнодушна спрема оваа „теориска атака“ врз нашиот јазик, па затоа ја објави посебната книшка „За македонскиот јазик“ редакциски одбор (Тодор Димитровски, Блаже Конески, Трајко Стаматоски, Скопје 1978г.) Во неа се одговори на тврдењата изнесени во бугарската статија, а се дадоа и искажувања за македонското јазично прашање на истакнати научни и општествени работници од средината на минатиот век па до ослободувањето на Македонија, значи во време кога кога во македонија немало центар што можел соодветно да се постави спрема сфаќањата застапувани во заинтересираните земји.
Покрај тоа се објавија повеќе текстови од Народноослободителната борба (1941-1945) и три статии што се занимаваат со развојот на македонскиот литературен јазик (на Крсте Мисирков, Иван Мазов и Блаже Конески).
Светската славистичка мисла, на наше големо задоволство, ги зеде под внимание наводите изнесени во бугарскиот текст и во нашиот одговор и од позицијата на објективен аналитичар оцени дека: „Конкретното побивање на големо-бугарската теза би и давало на таа теза важност и сериозност што таа ги нема“ (Д.БрозовиЌ).
Односно, дека „Бугарскиот текст е наполно незналечки што се однесува на лингвистичката теорија, непријатен, неразбирлив испад, наполно ненаучно заснован“, а дека македонските лингвисти „Дале многу достоинствен одговор“(Х.Лант).“
Ова е само извадок од статијата што е поместена на почетокот од ова реиздание, како предговор на публикацијата, каде во подробности им се одговара на нападите изнесени од бугарските лингвисти.