Снегот направи хаос во Германија. Невреме со обилни снежни наноси предизвика хаос на патиштата низ Германија, а на автопатот А2, многу возачи цела ноќ ја минале во своите возила, пренесуваат германските медиуми.
На автопатот А2 кај Билефелд, по сообраќајна несреќа, се формирала колона долга десетици километри, поради која возачите биле блокирани и повеќе од 16 часа.
Автопатот бил затворен во двата правци, откако камиони се излизгале од него.
„Ситуацијата е тешка“, соопштила полицијата, додавајќи дека ќе биде потребно многу време додека се реши ситуацијата.
Проблемот бил предизвикан од фактот дека неколку камиони не ја почитувале забраната за движење.
Откако мраз се формирал под снежната покривка, тие се излизгале и го блокирале автопатот.
Полицијата поднесе 300 пријави против возачите на товарни возила кои ја прекршиле забраната за сообраќај.
Додека снегот направи хаос во Германија, времето во Македонија деновиве е врнежливо и постудено. Но, има најави и за постуден бран.
В среда ќе настапи преодно стабилизирање на времето. Значителна промена се очекува од петок кога ќе дува засилен северозападен ветер, а температурите значително ќе опаднат. Поради продор на многу студена и влажна воздушна маса, во деновите од викендот ќе има повремени врнежи од снег. Утринските температури ќе бидат многу ниски, а дневните на повеќе места ќе се задржат под нулата.
фотографија: Дојче Веле