Јавното обвинителство не го затворило случајот на исчезнатата Марија Брзакова од струмичко Босилово. Според информациите од основното јавно обвинителство дејствија по меѓународна правна помош се побарани и од неколку други држави и странски компании. Марија Брзакова исчезна на 18 јануари 2020 година и цели три години нема напредок во потрагата по неа. Тогаш 28 годишната млада мајка излегла од семејниот дом во Босилово во раните утрински часови, по тренерки и патики или влечки, а со себе немала ниту лични документи ниту мобилен телефон.
Специјалните полициски единици со денови трагаа по Марија, го пребаруваа целиот регион, следејќи го течението на реките до бугарската граница со кучиња трагачи, но, од младата жена немаше никаква трага. Во следниот период истражните органи ги прегледаа сите камери во центарот на селото, ги испрашуваа блиските, но не наидоа на конкретна трага и одговор, што се случило со Марија Брзакова.
Исчезнувањето на Марија Брзакова во полиција го пријавил сопругот. Тие живееле во Швајцарија, а во тој период со нивната малолетна ќерка биле вратени на подолг одмор во Македонија. Во времето на исчезнувањето Марија била бремена.