„Сите сме на ист брод, а пандемијата ја истакна важноста на глобалната соработка“, рече доктор Драган Даниловски, кој беше предавач на онлајн дискусијата што секоја недела ја организира Лекарската комора на РСМ. Ни покажа дека целото човештво се наоѓа на ист брод, дека сите сме делови од еден затворени систем на врзани садови. Вирусот може да се победи некаде, само ако е поразен насекаде. Но пандемијата покажа и дека е потребен комплетен ресет на општествениот систем, истакна епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски. Дискусиите на Лекарската комора се организираат со цел размена на најновите сознанија и искуства во лекувањето на Ковид-19 меѓу здравствените професионалци.
„Стана јасно дека никој не може да се преправа дека може да постигне безбедност само во своите граници. Се поставува и прашање зошто одговорните политичари ширум светот не се собраа во меѓународните институции. Зошто не се договорија државните и мултилатералните цели меѓусебно да ги усогласат и надополнат“, рече проф. д-р Даниловски.
Пандемијата направи да ја цениме улогата на некои луѓе чија улога во општеството обично е потценета, како што се медицинските сестри, болничарите, касиерите, куририте за брза пошта,. Луѓето без кои системот не може да функционира. „Пандемијата, исто така, на најдиректен начин покажа дека докторите и другите здравствени работници во ковид центрите се херои. Тие покажуваат огромна храброст и посветеност наспроти сите потешкотии низ кои поминуваат. Важна улога играат и лекарите од примарната здравствена заштита. Тие, пак, на сопствените плеќи ја држат пирамидата на здравствениот систем и се грижат да го сочуваат здравјето на граѓаните“.
Во вториот дел од своето обраќање истакнатиот епидемиолог осврнувајќи се кон негативните ефекти од вирусот Ковид-19, истакна дека иако има уште многу неизвесности. Се побројни се доказите дека причините за појава на болеста, но и мултиопштествените засегања зависат од повеќе системи: системот на животна околина, здравствениот систем, политичкиот систем, економскиот систем, социјалниот систем и системот за снабдување со храна. „Се мислеше дека потеклото на вирусот е преку трансмисија од лилјаци на луѓе, сепак последната мисија на СЗО не е убедлива дека е тоа така. Значи останува нејасно од кои природни жаришта потекнува вирусот. Но јасно е дека неговото потекло и потеклото на некои слични РНК вируси лежи во човечките интервенции врз системот на животна средина. И тоа секогаш водејќи се од економски мотиви. Активностите како што се уништување на шуми, населувањето на подрачја кои не се погодни за живот на луѓето, рударство, градење на транспортна инфраструктура, сето тоа доведува до интеракција на човечката популација со одредени патогени организми кои имаат природни жаришта во тие предели. Податоците покажуваат дека 71 отсто од сите заразни болести се пренесени на луѓето од дивиот свет. Се смета и дека таа стапка интензивно ќе се зголеми. Некои активности на човекот кои во некои култури се помодарство, а во некои традиција, како трговијата со диви животни, ги доведуваат луѓето во поблизок контакт со дивиот свет и на тој начин го олеснува преносот на одредени вируси“, објаснува проф. д-р Даниловски.
Во предавањето се истакна и тоа дека здравствениот систем се соочи со големи предизвици во однос на тестирањето. Потоа, следењето на контактите на заболените, се јавија проблеми со обезбедување на болничка интензивна нега, пристап до медицински човечки ресурси. Здравствените системи се распаѓаат под притисок на голем број заболени. И покрај доказите дека личната зaштитна опрема е ефикасна за заштита, сепак многу здравствени работници настрадаа и починаа. Лок даун на здравствениот систем и сторнирањето на сите елективни здравствени услуги го искомпромитира неговото функционирањето за целата друга патологија, освен за ковид-19. „Последиците на тоа ќе ги видиме во некое друго време. Меѓутоа, веројатно не очекува втора епидемија на хронични заболувања и ментални проблеми“, потенцираше проф. д-р Даниловски.
Тој го апострофираше и нездравиот начин на исхрана кај луѓето кој и пред пандемијата беше втора глобална водечка причина за лошо глобално здравје и за смртност во светот. „За време на пандемијата се покажа дека оваа лоша подлога на здравјето директно влијае врз тежината на болеста и исходот од лекувањето на Ковид-19. Дебелината, кардиоваскуларните болести, дијабетесот, хипертензијата, значително го зголемуваат ризикот од компликации од вирусот. Тоа ни укажува дека имаме популација со многу здравствени проблеми. Треба сериозно да се замислиме како ќе се справиме со тој начин на живот. Загрижува и фактот што живееме во пандемија на физичка неактивност. Секој трет граѓанин се соочува со прекумерна телесна тежина. Секое второ машко дете во основно образование е прекумерно тешко, а дури 20 отсто од овие деца се дебели.
Имаме 400.000 дијабетичари, 100.000 пациенти со бронхијална астма и сите овие бројки се на население од околу 1,6 милиони жители. Многу нешта треба да нè поттикнат да размислиме по кој пат треба општеството и сите ние да тргнеме“, порача проф. д-р Даниловски. Според него од витално значење е да се овозможат промени кои ќе донесат на функции лидери обучени да носат одлуки познавајќи ја комплексната интеракцијата на сите општествени системи. Неопходно е да се вработат експерти кои ќе умеат да ја одржат комуникацијата меѓу системите и ќе нудат експертски елементи на политичарите кои носат одлуки за да можат да донесат информирана одлука во врска со различни политики. „Од ситуацијата во која се најдовме поради ковид-19 треба да научиме и дека во новата ера време е да ги мобилизираме добрината и љубовта и да ги ставиме на централно место во нашите животи.
Треба да се редефинираат целите на бизнисот, на економијата и на владеачките институции. Треба да се постават нови цели кои ќе бидат во функција на исполнување на човечките потреби“.