„Сите деца имаат исти права“, „Сите ние сме исти“, „Децата се деца, без разлика на нивниот изглед“, „Секој е посебен на свој начин“, „Убавината е во различноста“ – ова беа дел од пораките што во изминатите два дена ги испратија деца од општините Босилово и од Гевгелија.
Неколку стотици основци заедно со нивните наставници, но и психолози и педагози од нивните училишта учествуваа на завршните настани на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“. Проектот е инициран од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, а во Македонија е реализиран во соработка со здружението на граѓани за дисфункции, хендикеп, ретки болести и лица со посебни потреби „Дајте ни крилја“ и Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“. Станува збор за проект кој во Шведска се реализира од 2014 година и дава одлични резултати во борбата против предрасудите. Во Македонија се спроведува од 2020 година.
Во Босилово домаќин беше Коста Тимов
Домаќин на настанот во с. Босилово беше Коста Тимов, активист за правата на лицата со попреченост, амбасадор на лицата со аутизам, кој во својот етно-ресторан „Кај Виктор“ многу често организира настани и содржини во кои се склучува вистинска инклузија на лицата со попречености. Тој ги поздрави гостите и им порача на децата да ги отворат срцата и да ги прифатат сите другарчиња. Преку примерот на својот син Виктор, кој има 20 години, тој им долови на учениците дека со добра поддршка од средината, од врсниците, и лице со аутизам може да се образува, да напредува. Виктор Тимов е при крај со средното образование.
Учениците од с. Моноспитово, Иловица и од Босилово цртаа, пишуваа пораки на балони што ги вивнаа во небо, прашуваа, разговараа. Во рамките на настанот беше отворена и изложбата на фотопортрети „И јас сум тука“ на авторите Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска. Учениците заедно ја проследија и филмската проекција. Колку е важно да ги гушкаме, да им бидеме поддршка на другарите со некаква попречеснот, се согласија и децата.