Запишано е – „На 3 април 1945 се случи празникот на македонскиот театар: премиера на ’Платон Кречет‘. Во свечената тишина прозвучи првата реченица на артистката Вера Вучкова: ’Колку е блиску сонцето‘“.
Подигнатата завеса го отвори МНТ, кој започна без вистински традиции за сопствен театар и без доволен професионален актерски, технички и режисерски кадар, но со огромна желба и страст.
И со публиката која е „гладна“ за тој сценски збор и која како што е запишано „… го полнеше театарот до последно место. Колку што долги беа редовите пред продавниците за хлеб толку беа долги и пред шалтерот на театарската билетопродавачница“. Со целата своја енергија и творечка сила оваа прва група актери, режисерот, сценографот и преведувачот го започнаа патот на уметничко-сценското создавање на оваа сложена уметност – театар.