• Fri. Nov 22nd, 2024

Се воведува авионска линија Скопје – Сплит од 12 мај

Хрватскиот национален превозник, „Кроација ерлајнс“, ќе воведе нова сезонска авиолинија на релација Скопје – Сплит од 12 мај годинава, најавува „ТАВ Македонија“ откога авиокомпанијата ги закажа летовите меѓу Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот во Сплит.

Авиокомпанијата ќе лета меѓу главниот град на Македонија и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12 мај до 14 октомври 2023 година.

Во овој период „Кроација ерлајнс“ ќе сообраќа со леталото Dash 8-Q400, со капацитет од 76 седишта, двапати неделно, секои вторник и петок. Времето на пристигнување во Скопје ќе биде во 23.25 часот во вторник/23 часот во петок, а времето на заминување ќе биде во 5.45 часот, и во среда и во сабота. Времетраењето на летот меѓу Скопје и Сплит е околу 1 час и 25 минути.

За да го означи воведувањето на новата сезонска авиолинија Скопје – Сплит, „Кроација ерлајнс“ ќе им понуди на патниците 15 отсто попуст за купување авионски билети во периодот меѓу 15 и 21 март, и тоа и за билетите во една насока и за повратните билети.

Промотивниот попуст ќе биде достапен на сите продажни места на „Кроација ерлајнс“, вклучително и за онлајн-купување преку веб-страницата на „Кроација ерлајнс“ (www.croatiaairlines.com) и преку мобилната апликација со внесување на промотивниот код SKOPJE15, како и на шалтерот на „Кроација ерлајнс“ на Меѓународниот аеродром „Скопје“.

Попустот се однесува на основната цена, а аеродромските такси и другите надоместоци остануваат исти и се плаќаат во целост.

Сплит ќе биде втората дестинација во Хрватска со која Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе биде поврзан. Хрватската национална авиокомпанија лета на релација Скопје – Загреб секој ден.