Македонија за првпат ќе воведе кривично дело „екоцид“, а обвинет сторител за ова дело ќе се соочи со затворска казна од 10 години до доживотен затвор.
„Тој што спротивно на прописите, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор“, стои во новиот Кривичен законик.
Главата 25 од предложениот Кривичен законик – Кривични дела против животната средина и природата изобилува со сериозни затворски казни за загадувачите, а докажувањето на загадување на воздухот, на водата, на почвата, природата, со новите измени се упростува.
„Досега проблем за инспекторите за животна средина, а понатаму и на органите на прогонот, беше да се докаже точно колкаво е загадувањето. Сега при откривањето и казнувањето ќе биде доволно да се утврди ‘загадување повеќе од дозволеното’, со што постапката се олеснува“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Министерството за правда, предлагачот на новиот КЗ.
А тој што со овие дела ќе предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на растителен или животински свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со затвор од три до десет години.
Ќе треба многу да внимаваат сопственици на фабрики, физички лица, сите.
А службено или одговорно лице во правно лице кое со ова ќе предизвика сериозна опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителниот свет во поголеми размери, или на ретки видови на растенија или животни, ќе се казни со казна затвор од четири до десет години.
Не се мали казните ни за тие што влијаат на каков било начин за уништување на озонската обвивка.