• Thu. Nov 21st, 2024

Се очекува разврска за смртта на 23 годишната мигрантка Фатмата

Групата мигранти  во која беше и Фатмата, 23 годишната жена што загина по испукан куршум пред една седмица кај Гевгелија, не биле сместувани во транзитниот центар Винојуг.  Тие најверојатно влегле низ еден од нелегалните премини и со помош на двајцата криумчари се обиделе да стигнат до северната граница на државата. Нивниот обид заврши фатално, откако групата беше откриена од полицијата. Во обид да и побегнат на полицијата, помладиот криумчар, 26 годишен скопјанец, се обидел да го одзеде пиштолот на полицаецот при што е испукан куршумот со кој смртно е ранета младата Фатмата која веќе седела во автомобилот што го возел криумчарот.

 На социјалните мрежи се споделува фотографија од младата жена со апел да се добие правда за нејзината смрт. Според невладината организација „Second tree“,  Фатмата и сопругот Абу Бакар се од Сиена Леоне и се обиделе да побараат среќа во друга земја откако не успеале да добијат азил во Грција. Сопругот на Фатмата е во Центарот за азил во Скопје со адвокатот на невладината организација Second tree.  Иако го контактиравме, засега не добивме одговор од адвокатот какви правни чекори ќе преземат.

Од македонското обвинителство рекоа дека пиштолот е даден на вештачење, а ќе треба да се утврди и кој пукал од пиштолот. Предметот се води по скратена постапка и наскоро ќе се знаат деталите.