Се навршуваат точно 78 години од отворањето на струмичката гимназија „Јане Сандански“. Според некои записи од книгата „Учителски искри“ на Ѓорги Трајков, првата Полна гимназија во Струмица почнала да работи на 15 февруари 1945 година, а според податоците објавени на веб страницата на СОУ „Јане Сандански“, гимназијата е отворена 10 дена порано, на 5 февруари, кога е одржан првиот час на македонски јазик.
Прв директор на гимназијата бил професорот по историја, Христо Динев.
Како што пишува Трајков во својата книга, одлуката за отворање гимназии е донесено на 3 ноември 1944 година.
„На предлог на Републичкото поверенство за просевта, Президиумот на АСНОМ- на своето заседание во Горно Врановци- донесе решение за отворање на гимназии и учителски школи, кое гласи: Член 1 – Се отвораат гимназии во следните градови: Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, тетово, титов Велес и Охрид“.