До крајот на ноември цената на лебот, брашното и печивата ќе се зголеми за најмалку 10 проценти, најавуваат мелничарите.
Причини за поскапувањето, велат, се скапата струја и растот на берзанските цени на пченицата.
Мелничарите бараат субвенции за електричната енергија или да бидат додадени на регулираниот пазар зашто само така, нагласуваат, би се смирила ситуацијата и соодветно би се намалиле цените во корист на населението.
Како што изјави за МИА претседателот на Групација на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора, Горан Малишиќ, од огромна корист би биле и ноќните вишоци што ги продава ЕСМ, зашто и онака 75 отсто од производството на пекарската индустрија се изведува во ноќните часови.
– Во сегашната консталација, берзанската цена на пченицата како основна суровина повторно почна да расне. Од жетвата 2022 цената на француската берза е зголемена за околу 10 отсто, а и зголемувањето во Србија е исто така 10 проценти. Тоа значително ќе ја зголеми цената на брашното и на лебот со печивата за минимум 10 проценти во наредниот период од максимум 40 до 50 дена, истакнува Малишиќ.