Истрагата за автобуската несреќа во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани е во завршна фаза. Истражните органи очекуваат трите експертизи да бидат готови пред Божиќ, односно до 25 декември. Станува збор за судското, техничкото и вештачењето коешто треба да утврди како настанал пожарот и како изгорел автобусот преполн со патници за само неколку минути.
Директорот на Националната истражна служба и заменик главен обвинител, Борислав Сарафов за БНТ открива дека возачот на автобусот се движел со несоодветна брзина, поголема од дозволените 90 километри на час.
„Брзината е прилично неусогласена, 90 километри на час биле надминати. Барањата за еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач. Затоа било неопходно и брзината да била соодветна на условите независно од ознаките на патиштата“, вели Сарафов.
Истражните органи не ја отфрлаат можноста дека ознаките на патот не биле соодветни, но според нив, нема никаква причинско-последична врска меѓу несреќата и лошата патна сигнализација.