• Fri. Nov 22nd, 2024

Шахпаска за законот против насилство

Шахпаска на Канал 77

Шахпаска за Канал 77: Новиот Закон предвидува постапување со должно внимание, секој кој е вработен во некоја институција, сведок на насилство, должен е да го пријави, а институциите да постапат

„Заради  надминување на стереотипите, предрасудите, на линчот кој им се прави на жените заради нивната традиционално подредена улога во семејството, општеството, заради нерамномерната поделба на моќта меѓу мажот и жената, го донесовме Законот за спречување и заштита од насилство врз жената и семејното насилство,“ порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77.

Министерката посочи дека ова законско решение претставува нов исчекор по постапувањето на институциите односно овој Закон предвидува мулти секторски, институционален и координиран пристап во справувањето со насилството во сите облици.

За случајот „Јавна соба“ жртвите гласно да говорат

Во случајот со „Јавна соба“, министерката истакна дека охрабрува чекорот на девојките кои беа  жртви на насилство почнуваат гласно да говорат. Таа зборуваше и за одговорноста на институциите која е огромна и обврзувачка и токму новиот Закон предвидува постапување со должно внимание односно секој кој е вработен во некоја институција, сведок на насилство, должен е да го пријави. Прва инстанца се Центрите за социјална работа или Полицијата кои се должни да постапат, а судот во рок од 24 часа, носи одлука согласно констатираниот полициски извештај.

„Целта на новото законско решение е да ја подигаме  јавната свест, да говориме отворено за насилството, да го превенираме , а доколку истото се случи да се превземат мерки, како итни ,така и за поддршка и заштита на жртвата,“ истакна министерката Шахпаска.

Таа информираше дека за периодот од јануари  до септември 2020 година се случиле 1168 насилства, од нив 836 жртви пријавиле насилство во градовите , а 332 во рурална средина.51 малолетно девојче било жртва на насилство и 53 момчиња, што претставува поразителна бројка. Во 816 случаи од 1168 пријавени случаи на насилство, институциите постапиле односно превземале соодветни мерки.

Таа зборуваше и за тоа дека родителите, наставниците мораат да ја приметат промената во однесувањето на детето. Ако дете кое до вчера било одлично, активно и одеднаш е се однесува спротивно од тоа, наставникот е должен следејќи го детето да реагира, да постапи затоа што тоа е дел од неговиот професионален ангажман  и преку разговор со детето, родителите, да увиди која е причината за промените во неговото однесување. Истото се однесува и за родителите, кои се први кои треба да ги забележат промените кај своето дете.

Министерката Шахпаска порача дека сите како одговорни граѓани треба да одиме до крај во спротивставување на насилството и борбата против него.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *